Програма

ПРОГРАМА НА ДНЕТ

ПОТРЕБА ОД ФОРМИРАЊЕ НА ДВИЖЕЊЕТО ЗА НАЦИОНАЛНО ЕДИНСТВО НА ТУРЦИТЕ

После внатрешната криза во 2001 година и потпишувањето на Охридскиот Рамковен договор помеѓу страните инволвирани во конфликтот, ние, Турците во Република Македонија наместо да ги задржиме стекнатите права и слободи од минатото сега доживуваме пад во квалитетот и капацитетот на правата и слободите кои треба да ги имаме согласно на традицијата на долго заедништво на овие простори и согласно на меѓународните документи за заштита на правата и слободите на националните малцинства. Впрочем овие документи треба да бидат составен дел од нашата законска-правна регулатива.
Ние како ДНЕТ и понатаму ќе се заложуваме да го развиваме и збогатиме заедништвото. Истовремено ќе се спротивставуваме против сите видови на шовинизам, нетолеранција и непочитување на правата и слободите на сите граѓани во заедничката татковина.
Во последните 4 години (после изборите од 2002 година) политичките партии на Турците во позиција и опозиција покажаа голема неспособност за одбрана на стекнатите права од минатото и со тоа озбилно ja загрозија иднината на Турците во земјата.
Несоодветната ангажираност за време на пописот на населението од 2002 година, потполно пасивен однос при донесување на законот за новата територијал на поделба на единиците на локалната самоуправа, драстично намалениот обем на службена употреба на турскиот јазик и писмо, ограничувања во употребата на топонимите на традиционалниот турски јазик и особено непримената на уставното начело за правична и соодветна застапеност на Tурците во органите на државата и јавниот сектор на сите нивоа, се причини поради кои се формира ДНЕТ.
Неавторитетноста на сегашната наводна елита на Турците во Македонија, нивната пасивност и неспособност да влијаат во подобрувањето на законските содржини, особено отсеченоста од базата и интелектуалните кругови и никаквата соработка со познати и признати политички личности на Турците во земјата се посебна причина за појава на ДНЕТ.
Без визија и цел за колективните права на Турците, оваа наводна „елита„ заговараше политика со која Турците не беа на дневен ред на збиднувањата, беа маргинализирани, несоодветно застапени, запоставени и туркани во изолација. Наводната „елита „ се затвори во себе, во сопствениот егоизам. Тој тесен круг, просто херметички се затвори во себе и стана глува за потребите и очекувањата на Турците во Македонија. Таа елита кога имаше најголема потреба од своите признати елитни кадрови,тие од неразбирливи причини беа и сеуште се одстранети и оневозможени да изнесуваат мислење за состојбите и да нудат решенија за надминување на истите. Поради тоа никој нема право со својот неавторитет, пасивен и предавнички однос, незагриженост и неспособност за водење на политика во име на Турците, да го доведе во прашање нашиот статус во земјата. Последиците од ваквото нивно однесување трпи и скапо го чини Турците во Македонија.
Ние како критична маса на Турците тргнуваме на пат со цел да се справиме со проблемите на нашата национална заедница и притоа да обезбедиме единство во поглед на нашите замисли и решенија за излез од денешната состојба. Веруваме дека ќе го извлечеме нашиот народ од изолација, сивило и заборавеност, ќе обезбедиме отвореност, соработка и капацитет што ќе овозможи повторно да бидеме во центарот на вниманието како конструктивен и лојален чинител на нашето општество. Во ова смисла ќе соработуваме со сиот интелектуален капацитет од нашите редови а особено ќе развиваме интензивна соработка со нашите невладини организации за конкретни проекти за подобрување на нашиот статус.
Да бидеме среќни, да бараме еднакви права и слободи во земја која ја осеќаме како наша татковина и држава е најсвето право. Поради тоа ќе бидеме здружени, единствени во одбрана на колективните и индивидуалните интереси а со тоа ќе настојуваме да бидеме на дневен ред и станеме субјект кој ќе биде во центарот на вниманието на јавноста. Според тоа ДНЕТ се формира како надеж на огромен број Турци во земјата верувајќи дека има место и за нас во заедничката татковина.
Во новото политичко здружување особено надеж влева поголема група интелектуалци, млади ентузијасти, искусни раководители и политичари и голем број на еснафи. Нашите сознанија зборуваат дека алармантните состојби не трпат одлагање, го загрозуваат не само нас туку и сите во земјата.
Сигурни сме дека со нови луѓе, нови искуства сосема новата кадровска политика ќе создадеме услови за сите способни луѓе да своите квалитети ги покажат во тимска и колективна работа. Така да по тој основ нема да има никакви пречки за способните поединци да ги искажат своите способности, знаења и квалитети. Поради своето сопствено издвоено мислење никој нема да остане настрана така да и таквото однесување ќе има подршка и со силата на аргументите што ќе се артикулира на отворено без никакви ограничувања и последици по него.
ДНЕТ доследно ќе инсистира во своите програмски активности да во центарот на вниманието биде човекот кои за жал во последните години е просто заборавен. ДНЕТ со своите политички активности ќе настојува како за Турците така и за сите други граѓани на Република Македонија (без разлика на нивната национална, верска или политичка припадност) се создадат подеднакви услови за права и слободи и одговорности.
Нашето формирање исто така се поклопува и со времето на добивање на статус на кандидат за член на ЕУ. Ние тоа го поздравуваме и сметаме дека е резултат на настојувањата на сите влади досега а особено како признание и заслуга на сите граѓани на Република Македонија.
Ни престојат тешки преговори. Очекуваме конечно да почнат преговорите за полноправно членство. Во тој контекст ќе настојуваме да дадеме свој максимален допринос за довршување на реформите за кои ЕУ има сериозни забелешки.
За ДНЕТ од особено значење е брза интеграција на Р. Македонија во НАТО како гаранција за внатрешната стабилност и сигурност како на граѓаните така и на странските инвестиции и економскиот развој. ДНЕТ особено ќе настојува да создаде услови за работа на печатените и електронските медиуми на турски јазик како услов за демократизација на овој сегмент од општеството. Сега постоечките капацитети за жал се под огромен притисок на владеачките структури и не се во можност да ја вршат својата работа на начин како што доликува на нивната професија и углед. Тие во овој момент не се коректор туку само слепи и доследни послушници.ОСНОВНИ ПОЛИТИЧКИ ЦЕЛИ

ДНЕТ пред своето членство излегува со програма која бара единство на сите Турци во поглед на заштита на основните права и слободи и нивното унапредување согласно на потребите за еднаквост и правичност меѓу сите граѓани во земјата. На тој начин ќе ги остраниме чувствата за несигурност и изолираност на Турците. Исто така нашата програма ќе важи и за сите слоеви во државата кои имаат исти очекувања, а тоа значи :

Територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на државата;
Да се стави крај на сите проблеми поврзани со судбината и стратешките интереси на Р. Македонија ;
Максимални работнички права и социјална заштита како што ги има во ЕУ;
Мирот и сигурноста на граѓаните;
Правната држава кои ги почитува и заштитува политичките слободи, граѓанските и човековите права вклучувајќи ги и правата на религиозните, етничките и другите малцинства;
Материјална благосостојба и просперитет на граѓаните и државата;
Меѓународен кредибилитет на земјата;
Соработка со соседите и со останатите земји, меѓународни организации, институции и сл.;
Реформи за брзо и ефикасно интегрирање во НАТО и ЕУ;
Развој на економијата, извоз и обезбедување на услови за странски директни инвестиции;
Заштита на човековата околина, согласно на меѓународните стандарди и документи;
Уважување и заштита на различните национални белези, традиционални вредности и култура;
Заштита и слобода на верските убедувања;
Рамноправен третман на верските заедници во земјата со што ќе се обезбеди секуларизмот како принцип на одвоеноста на државните од верските работи;
Елиминирање на причините за иселување, со посебни мерки за кои владата секоја година ќе изготвува посебни програми со оглед на демографскиот дебаланс и последиците за Р. Македонија од него;
РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА КАКО ДРЖАВА И ТАТКОВИНА НА СИТЕ НЕЈЗИНИ ГРАЃАНИ

ДНЕТ ќе инсистира на интензивна соработка и партнерство на сите политчки сили, невладини организации и сите граѓани за подобра иднина на Македонија. На овој вид широко партнерство инсистираме поради тоа што е потребно да ја зацврстиме демократијата и демократските институции на земјата каде транспарентноста и конструктивната критика нема да изостанува. Тоа подразбира дека сакаме државно уредување и политички амбиент кој што ќе излезе во пресрет на објективните потреби на граѓаните, ќе обезбедува социјална правда и без разлика на политичкото, националното и верско потекло во центарот на вниманието ќе биде граѓанинот. Тоа значи дека сакаме држава која ќе има капацитет да биде во служба на граѓаните. Се подразбира дека процесот на градење на државата не е завршен, што значи дека државата има потреба за нов стил на раководење и на влади кои ќе бидат отворени и кооперативни за соработка со сите слоеви во општетството. Тој однос мора да биде партнерски и треба да ги остварува политичките, економските, културните и социјалните потреби. Тоа бара да има промени и во концептите за уредување на државата. Затвореноста на промени треба да се напушти. Сите ризици треба да се издржат со позитивен пристап за промени. Време е да граѓаните и различните национални заедници во земјата да имаат право да бараат одговорност од власта во рамките на демократските институции на системот и согласно на културата за демократија. Со тоа ќе се зајакнат етичките вредности на носителите на јавните функции за кој сега навистина нема простор за пофални зборови. Од причини што не се во можност силно да ја подржат владата или парламентот што е пример со Турците во Македонија, постои објектвина опасност да поедини национални заедници не го добијат потребното внимание на власта. ДНЕТ која во прв ред се грижи и ги застапува интересите на Турците мора да настојува нашите барања заслужат внимание. Со нудење на нашите услуги сакаме да овозможиме конструктивен општествен дијалог меѓу сите сегменти на општестовото врз која треба да втемели смислата на граѓанското општество. Поради тоа потребно е да се елиминраат сите обиди за маргинализација, општествено исклучување на обесправените делови на лојалната популација. Бидејќи изборните закони не дозволуваат да дојде до израз политичката волја на Турците, тоа не значи дека само изборите можат да бидат мерило за нашето демократско однесување. Од тие причини државата мора да има во предвид и нашето мислење при дефинирањето на политиката и спроведувањето на власта. Ние ќе настојуваме да ги канализираме нашите гледишта кон центрите на моќта и ќе вршиме притисок врз нив. Овој начин на однесување го сметаме како нужно за премостување и решавање на нашите проблеми. ДНЕТ ќе биде набљудувач, судија и посредник на Турците во органите на власта. Со вакво својство ДНЕТ ќе застане во одбрана првенствено на правата и слободите на Турците а потоа и на сите граѓани. Без оваа својство правата и слободите би биле оставени на власта која за жал до денеска несоодветно се однесува спрема оправданите барања. ДНЕТ на овој начин ќе настојува да го обезбеди вниманието на власта не само спрема Турците туку и спрема другите граѓани кои имаат слични барања. ДНЕТ сака да ја развива смислата во вербата, во правната држава, во владеење на правото, човековите права, почитување и заштита на правата на националните малцинства. Поради тоа ДНЕТ ги потсетува сите во земјата на стратешкиот документ „Основите на безбедносната политика на РМ“ од 1995 година депониран во Брисел- НАТО. Врз основа на овие стратешки определби Република Македонија треба и понатака во доградбата на својата иднина инсистира на принципите на правичност, почитување на наследени и по традиција стекнати човекови права на сите граѓани а во рамките на тоа и на националните заедници, демократичност, социјална правда и принципот на културен и политички плурализам. Правото на секоја културна, национална заедница на чување, негување и разивање на сопствен вредносен модел е неотуѓиво право и несомнено претставува неприкосновена цивилизациска придобивка. Затоа нивното безусловно почитување е највисока вредност во секоја современа држава. ДНЕТ ќе се залага така да биде и во Република Македонија. Реализацијата на виталните интереси на секоја мултинационална држава може да биде преку целосна афирмација на посебните интереси на секоја национална заедница а не преку негирање.
Од горе изнесеното за да се подобри статусот на Турците во Македонија ДНЕТ ќе се залага за следното:

за слободни, непосредни и тајни избори со изборен закон кој ќе овозможи избор на претставници на Турците во Собранието на Р. Македонија или поточно речено:
пропорционален изборен модел каде цела Македонија ќе биде една изборна единица или;
б) квота за националните заедници согласно на учеството во демографската структура на земјата;

за Турците да одлучуваат Турците;
учество на претставниците на Турците во вршење на јавните функции минимум 4 % во сите сфери;
да се обезбедат подобри услови на образованието на сите нивоа:
а) да се обезбедат услови за отварање на предучилишни установи секаде каде што живеат Турците;
б) да се создадат услови за опфаќање на сите деца во основното образование на нивниот мајчин турски јазик;
в) во основното образование наставата по сите предмети да се изведува на турски јазик;
г) да се отвараат гимназиски паралелки на турски јазик во Дебар и Струмица и да се подобрат условите за школување во постоечките капацитети на другите места во земјата;
д) со позитивна дискриминација да се овозможи упис на 4 % студенти – Турци во сите државни факултети во земјата;
е) да се води посебна грижа за обезбедување на кадрови на турски јазик на постојните катедри и нивно проширување согласно на потребите;
ф) да се создадат услови и можности за постдипломски студии и друг вид усовршување во земјата, во светот и особено во Р. Турција.
х) При министерството за образование на РМ да има посебна единица од стручни лица (Турци) која ќе води грижа за образованието на Турците;

КУЛТУРАТА, ИЗДАВАЧКАТА И ИНФОРМАТИВНИТЕ ДЕЈНОСТИ
а) Да се создадат материјални можности за кадровска и техничкаопременост на сите културни организации на Турците каде ќе се подигне квалитетот и обемот на дејностите;
б) Радиото МРТ на турски јазик да се слуша на цела територија на државата и соодветно биде техничко опремена и со можност да се прошири програмата;
в) МТВ да има програма на турски јазик најмалку 5 часа дневно и со емисија во време кое е прифатливо за гледачите;
г) Во издавачката дејност да се обезбедат сите потребни книги и учебни помагала на турски јазик без разлика на тиражот на истите;

СЛОБОДИ И ПРАВА НА ЧОВЕКОТ

Покрај тоа што слободите и правата на човекот се гаранирани со Уставот на Република Македонија во пракса за жал тие не се реализираат. Поради тоа ДНЕТ ќе настојува доследно да се применат Уставот и законите во земјата со гаранции и од меѓународните документи за заштита на правата на националните малцинства (документи на ООН, Хелсиншката повелба, Париската повелба, документите од Копенхаген и сл.). Овие права мора постојано да се развиваат и надградуваат. Од тие причини ДНЕТ ќе се залага за:

Имплементирањето во нашиот правен систем на највисоките меѓународни стандарди и конвенции за заштита на човековите права и слободи и нивна практична примена;
Изградба на силни демократски институции со капацитет за обезбедување на максимална заштита на индивидуалните и колективните права и слободи на своите граѓани и национални заедници,
Државната власт да функционира врз принципот на поделба на законодавна, извршна и судска власт;
Јакнење на принципите на владеење на правото и правната држава;

ПРАВЕДНА И СООДВЕТНА ЗАСТАПЕНОСТ НА ТУРЦИТЕ ВО ОРГАНИТЕ НА ДРЖАВНАТА ВЛАСТ И ЈАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ВО ЗЕМЈАТА
ДНЕТ особено ќе надгледува и залага за реализација на оваа уставно начело за соодветна застапеност на Турците во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа. Да бидеш биран и да бираш а тоа значи да бидеш активен во политичкиот и јавниот живот е основно човеково право на секој граѓанин. Поради тоа ДНЕТ ќе се залага:

За доследна имплементација на уставниот принцип за правична и соодветна застапеност;
За доследно спроведување на законите од оваа област на целата територија на Р. Македонија,
За спречување на сите видови притисоци и влијанија на партиските и бизнис интереси во работата на државните и јавните институции;
Да се обезбеди задолжително присуство и учество на Турците во вршење на одредени јавни функции кои се од посебен интерес за националната и општествената положба на Турците во земјата,
Зголемување на вработувањето на Турците според нивна стручна и друг способнсот во културните институции кои развиваат соработка со таквите институции во Р. Турција;
МЕЃУЕТНИЧКИ ОДНОСИ

ДНЕТ ќе се залага за културна толеранција и граѓанска соработка со сите етникуми во земјата, градење на хармонизирани меѓуетнички односи врз база на взаемно почитување и признавање се од посебно значење за трајно добри односи во мултиетничката држава. Поради тоа ќе се залагаме:

За целосно почитување на националниот идентитет на секој граѓанин на Р. Македонија;
За спречување на секаков вид на притисок врз национална определеност и асимилација;
За мултиетничкиот и мултиконфесионалниот карактер на државата како цивилизациска придобивка;
НАДВОРЕШНА ПОЛИТИКА И ОДНОСИ

ДНЕТ ќе се залага да се утврдува и зацврстува авторитетот на Република Македонија во светот врз основа на заедничка соработка со сите држави.
ДНЕТ ќе се залага со сите држави на светот а особено со државите на ЕУ и Балканот да гради односи на рамноправна основа и врз контуинирана и принципиелна надворешна политика. Македонија денеска е меѓународно признат субјект од страна на многу членки на ООН под своето уставно име. Субјективно право е на секоја земја да се нарече на начин како што нејзините граѓани и посакуваат, поради тоа уставното име на Република Македонија е најисконско право на нејзините граѓани и како таков треба да се почитува од сите држави на светот.
ДНЕТ ќе се залага исто така за развој на економските, политичките и културните односи со сите земји на светот.
Постигнување на баланс, взаемно разбирање, мир на Балканот и во светот.
За соодветно вреднување на историското минато на Турците, унапредување и заштита на историските и културните вредности и придобивки и споменични обележја и нивно враќање на намената за кои и се изградени.

ПОСЕБНИ ОДНОСИ СО Р.ТУРЦИЈА
ДНЕТ дава посебен значај на односите на Р. Македонија со Р. Турција од причини што Р. Турција во транзициониот период на Македонија се покажа како вистински пријател и даде целосна подршка за независноста, суверенитетот, територијалниот интегритет на Р. Македонија, признавајќи ја под нејзино уставно име и лобирајќи во напорите на нашата земја за членство во ЕУ и НАТО. Исто така огромниот број на наши иселеници во Р. Турција се причина повеќе за сестрана и пријателска политика меѓу овие две земји. ДНЕТ со своето членство е подготвена во рамките на сестрана соработка да ги реализира не само своите посебни интереси туку и интересите на Р. Македонија. ДНЕТ ќе се залага за интензивирање на секаков вид соработка и односи со државните органи, институциите, политичките партии и невладини организации на граѓани во Р. Турција а посебно со друштвата на нашите иселеници од Македонија во Р. Турција.
ДНЕТ со посебно внимание и грижа ќе се обраќа кон сите Турци по род сеедно дали живеат во земјата или надвор од неа. Исто така ќе гради односи и со сите друштва на иселеници од другите етнички групи родени во Македонија.
Огромното искуство на нашите иселеници, особено нивните менаџерски способности стекнати во услови на пазарно стопанисување, се добродојдени и се од непроценлива вредност за развојот на економијата и севкупниот развој на нашата држава. На сите поранешни државјани на Р. Македонија ДНЕТ ќе се потруди да имаат добронамерно влијание во економските процеси во земјата и да ја градат.
ДНЕТ исто така ќе соработува и контактира со Турците и нивните невладини организации во другите Балкански држави. Исто така ќе соработуваме и со организациите на Турците кои се привремено вработени во државите на ЕУ.

УПОТРЕБА НА ЈАЗИКОТ И ПИСМОТО НА ТУРЦИТЕ

ДНЕТ ќе се залага:

Во сите средини покрај официјалниот јазик и писмо на државата треба секаде каде по традиција била во употреба турскиот јазик и писмо се обезбеди непречена употреба;
Одредбите на рамковната конвенција за заштита на малцинските права стекнати во минатото како традиција треба доследно да се градат и во уставните и законските решенија за непречена службена употреба на турскиот јазик и писмо;
Во обраќањето кон државните органи припадниците на сите национални заедници да имаат можност да се обраќаат на нивниот мајчин јазик во слујачов на турски јазик;
Ќе инсистираме во прописите за топонимите да се има предвид традиционална и автентичната употреба на овие поими од страна на Турците по традиција;
Поново да се разгледа законот за територијална поделба на единиците на локалната самоуправа и се донесе политичка одлука да Врапчиште и Долна Бањица бидат посебни општини каде на најавтентичен начин може да дојде до израз традициите, културата, обичајите и јазикот на Турците;
Натамошен развој и негување на турскиот литературен јазик. За таа цел ќе се користат сите можности за соработка со р. Турција и нејзините соодветни институции од оваа област;
ТЕМЕЛНИ ПОЛИТИЧКИ ПРИНЦИПИ

ДНЕТ користејќи ги искуствата од развиените европски држави ќе се обиде да промовира нови принципи на политичко дејстввуање и нов пристап на решавање на политичките и економските проблеми од значение на државата.
ДНЕТ ќе соработува врз основа на обостран интерес со нему сличните и други партии во Р. Македонија како и со сродните партии во Европа и светот. Ние демократијата ја разбираме како процес на трпеливост и разбирање меѓу луѓето. На тој начин сметаме дека ќе ги балансираме спротивставените интереси и дека ќе ги амортизираме општествените конфликти.
ДНЕТ ќе се погрижи да школува политичари на кои ќе им веруваат граѓаните.
ДНЕТ особено ќе промовира отвореност према сите слоеви и нивното размислување за одредени важни и витални прашања за иднината на земјата. Во таа насока ќе почитува мислењето на граѓаните а ќе консултира и експертите за одредени прашања.
ДНЕТ пред секои избори, локални, парламентарни ќе организира внатрепартиска проверка на рејтингот на своите кандидати со цел да дојде до најквалитетните и најприфатливите личности за избирачкото тело. ДНЕТ во односите со другите партии ќе применува демократски методи и средства, култура на взаемно почитување и разбирање, соработка и солидарност во остварувањето на основните човекови права и слободи и реализирање на стратешките интереси на земјата како целина.
Сигурни сме дека партија во која нема да владее демократијата и автокритиката е осудена да пропадне т.е. изгуби доверба од своето членство.

ЗАКЛУЧОК

Една политичка партија ќе се смета за партија кога ќе успее да биде политичко орудие за разврска на проблемите на гласачите, своите симпатизери и членство, проблемите на општеството и значајните државни интереси. ДНЕТ ќе биде субјект кој ќе сноси одговорност за статусот на граѓаните особено за Турците и кој ќе обезбеди соработка помеѓу политиката и работодавецот како посебно зависни за проспоритет на земјата. А тоа значи дека проблемот на инвестициите не е кај инвеститорот туку е кај пазарната идеологија. Спрема тоа поттикнување на инвеститорите е првостепена улога на политиката без разлика на положбата на ДНЕТ во позиција или опозиција ќе настојува да создаде максимум услови во законодавната и извршната власт за прилив на странски и домашни инвестиции. Поради тоа луѓе со визија за иднината на земјата знаат дека политичарите и работодавците трба да се состануваат во една просторија и без таа просторија не може да има озбилна, сериозна политика ниту може да има значајна инвестиција. Од овие причини професионализмот во политиката е инвестиција за иднината на земјата. На овој начин политиката ќе покажува способност дека е важно орудие за етаблирање на сите слоеви во општеството.
За ДНЕТ создавање на поволни услови на работодавниот свет е од примарно значење. Затоа што на тој начин ќе пораснат примањата на нашите гласачи а со тоа ќе се создават и услови за разврска и на другите проблеми на членството, кои проблеми се прецизно евидентирани. Сите оние кои размислуваат на овој начин се наши соработници во овој проект. На тој начин ДНЕТ ќе се обиде да ги штити чесните, способните и сите што живеат од својот труд.

Гостивар, 09 Април 2006 Основачко Собрание на ДНЕТ
Претседател
__________________
Ердоган САРАЧ

Leave a Reply